Бутел ја забележа првата победа во ракометниот плејоф, воедно и нанесувајќи му го првиот пораз на Тиквеш со вечерашното одлично издание и заслужениот триумф од 28-24. Кавадарчани допатуваа во Скопје со скор од две победи и едно реми во првите три кола, но налетаа на цврст и мотивиран противник кој знаеше што сака, го надмина зад себе разочарувачкиот пораз од Еурофарм Пелистер 2 и стигна до цел плен на овој натпревар.
Гостите во неколку наврати во почетните минути имаа минимално водство, последен пат со 4-5, по што следеше серија од три гола на Бутел. Домашните ракометари влегоа во ритам, поведоа со 11-6, нешто подоцна и со најубедливи 14-7, за Тиквеш со два гола пред крајот на полувремето да намали на 14-9. Од самиот почеток на второто полувреме стана јасно дека Бутел нема да дозволи изненадување ниту пак интересен финиш, „бутелци“ повторно влегоа во одлична серија, поведувајќи со 20-13. Кавадарчани намалија на 24-20, но Мајиќ постигна значајни голови и го запре последниот обид за камбек на гостите, за конечен триумф на Бутел од 28-24.
Мајиќ и Спасовски со по осум погодоци беа најефикасни во таборот на Бутел, додека прв стрелец на Тиквеш при денешниот пораз беше Страхиња Симиќ, исто така со осум постигнати голови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА