Алкалоид ги потврди амбициите за излез во ракометна Европа за наредната сезона откако скопскиот суперлигаш славеше во директната пресметка со Охрид, и тоа на гостински терен со резултат 26-32. Првото полувреме донесе одличен израмнет ракомет, за во вториот дел гостите од Скопје да продолжат со темпото што домаќините не успеаја да го издржат, па избраниците на Кире Лазаров на крајот славеа со конечни „плус шест“.
Охрид беше подобар ривал на почетокот, кога лесно наоѓаше одговор за одбраната на Алкалоид, поведувајќи со 6-3. Гостите одговорија на вистински начин, за неколку минути вртејќи го резултатот во своја полза и поведувајќи со 7-10. Тоа беше само најава за нов пресврт, откако Охрид постигна пет гола во низа и поведе со 12-10, за на крајот на полувремето на одмор да се замине со израмнети 14-14.
Почетокот на вториот дел се покажа како пресуден момент, откако Алкалоид одлично отворија со серија од 1-6, успевајќи резултатски да се одлепи, а потоа и да го исконтролира натпреварот до самиот крај.
Дури дванаесет различни ракометари се запишаа меѓу стрелците кај Алкалоид, а најефикасни беа Петров со пет и Ѓоргиев и Џонов со по четири погодоци. На спротивната страна, најдобри стрелци кај Охрид беа Шешиќ со шест и Дрогришки и Бојаниќ со по пет постигнати голови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА