Еурофарм Пелистер без проблеми против Пролет

Ракометниот вицешампион на Македонија Еурофамр Пелистер стигна и до четвртата победа во исто толку натпревар во плеј-офот од Суперлигата откако на домашен терен славеше над Тинекс Пролет со 32-26.

Во првиот натпревар по големото разочарување и елиминацијата во групната фаза во Лигата на Европа по која се разделија со тренерот Ларс Валтер, битолчани успеаја во финишот да го урнат отпорот на скопскиот тим кој во поголемиот дел од мечот играше одлично.

Првото полувреме мина во знакот на домашниот тим. Ракометарите на Еурофарм Пелистер го отворија мечот со водство од 5-2, по што знаеја како да ја задржат предноста. Предноста на домашниот состав се движеше меѓу два и шест погодоци, за на одмор да се замине со „плус четири“ за „пелистерци“ (19-14). Цврстата одбрана беше заштитен знак на гостите на почетокот од второто полувреме, што Тинекс Пролет го отвори со серија од три гола и намали на 19-17. Ваквиот старт ја зголеми самодовербата во младиот тим на Тинекс Пролет, кој во голем дел од второто полувреме целосно му парираше на Еурофарм Пелистер. Битолчани сепак не дозволија целосен камбек, па по 24-21 и 25-22 домашните ракометари успеаја да се одлепат во последните десетина минути и да слават со конечни 32-26.

Ненад Костески со седум гола беше прво име во победничкиот табор, додека кај поразените осум постигна Ласко Андоновски.

Се вчитува...