Заминувањето на Ларс Валтер е шок-терапија за која очекувано се реши управата на Еурофарм Пелистер по слабите игри и резултати на битолскиот тим во последните месец дена.
Иако беа нудени и странски тренери, челниците на Еурофарм се решија за добро познато име, Александар Јовиќ, кој во стручниот штаб ќе има помош и од поранешниот македонски селектор Звонко Шундовски.
„Посакувам преостаниот дел од сезоната која е во тек да биде успешен и да ги достигниме нашите цели со тоа што ќе ја освоиме титулата во првенството и во Купот на Македонија и да стигнеме до СЕХА „фајнал-фор“ турнирот. Сакам да гледам како напредувате кон целта и затоа веќе имаме нов старт со професионален тим на тренери. Тука се Александар Јовиќ, Александар Зарков и Звонко Шундовски. Ви посакувам успех на сите и добро здравје за остатокот на сезоната и се надевам на крајот ќе прославуваме“, изјави Зоран Стерјев, првиот човек на Еурофарм Пелистер.
Звонко Шундовски по долги години ангажмани во странство реши да се врати во мак-ракометот, и тоа во својот омилен клуб.
„Јас сум тука да го поддржам битолскиот ракомет најпрво, но и да му помогнам на Александар. Тука сме сите заедно да ја донесеме титулата во Битола. Многу од играчите доаѓаат од различни држави и можеби не разбираат на кој начин треба да ја вратиме титулата која ја нема долго време во Битола. Јас го следам клубот цело време, ги знам сите играчи и мислам дека се многу добри, но фали нешто, има некој мал проблем, за кој сме дојдени да го пронајдеме и решиме. Но и Вие, играчите, треба да помогнете да ја вратиме двојната титула во најракометниот град. Знаеме дека имаме малку време, ќе направиме што можеме да успееме во целите до крајот на сезоната“, им порача Шундовски на ракометарите при првиот собир за време на репрезентативната пауза.
Александар Јовиќ во претходните години заврши одлична работа со младите ракометари во вториот тим, а сега се очекува во ист стил да продолжи и со првата екипа.
„Прво сакам да се заблагодарам за довербата која нам ни е укажана во овој сензитивен момент за клубот. Сакам да упатам благодарност за Шундовски што ја прифати понудата од управата да биде дел од нас. Со неговото огромно искуство ќе ни помогне мене и на Зарков во работата и ќе ни помогне да ги оствариме зацртаните цели во оваа сезона. Мислам дека имаме одличен тим, сите се одлични играчи како поединци, имаме време и со позитивна мисла, вредна работа и правилно насочување од наша страна да исполниме што зацртавме. Имаме уште најмногу три месеци до крајот на сезоната и би ги замолил сите да се фокусираме максимално на индивудуален и колективен план“, порача новиот шеф на стручниот штаб на Еурофарм Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА