Марко Митев го имаше својот камбек во репрезентативниот дрес, младиот бек постигна и еден погодок против Португалија, но нашиот национален тим сепак не успеа да стигне до позитивен резултат на овој натпревар.
Според Митев, пресуден фактор бил заморот во македонската репрезентација во завршните десетина минути, во кои противникот се одлепи и на крајот славеше со шест гола разлика.
„Мислам дека заморот не стигна во самиот финиш. Да не заборавиме дека ние до пет-шест минути до крајот бевме во егал меч со навистина квалитетен противник. Тие имаат ракометари кои настапуваат во многу подобри клубови од нас, а ние им париравме во голем дел од мечот. Да не се заборави, ние сме млада репрезентација и со тек на времето би требало се да дојде на свое место, да играме подобро и да победуваме на вакви натпревари“, истакна Митев.
Нашите ракометари денеска ќе тренираат во Скопје, а утре тргнуваат на пат за Порто, каде в недела ќе го играат и вториот меч против истиот ривал.
„На нас е добро да се подготвиме во овие два дена, да корегираме што може да се корегира. Ништо не е загубено, одиме во Португалија за да се обидеме да ја изненадиме Португалија и да се реваншираме за овој пораз“, вели Марко Митев во пресрет на реваншот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА