Маневски: Имаме силен ривалитет со Вардар, не чека тежок меч во Скопје но сакаме позитивен резултат

Брегалница во недела му гостува на Вардар во 20. коло од Првата македонска фудбалска лига во директната пресметка за опстанок во елитата.

Во таборот на „сините“ оваа пролет се врати и левокрилниот дефанзивец Михаил Маневски, кој не крие дека и тоа како е задоволен што повторно е во дресот на Брегалница.

„Чувството е секогаш прекрасно и дава посебен елан секогаш кога настапуваш пред домашната публика. Како што сите знаеме, штипската публика посебно знае да биде ветер во грб и во моментите кога натпреварот се одвива добро, но и во моментите кога не оди на добро. Секогаш се со нас, а тоа беше еден од клучните фактори за последната победа против Тиквеш во последните мигови од мечот“ – вели Маневски.

Претстои тешка борба за опстанок во прволигашкото друштво…

„Сите играчи во колективот, од прв до последен сме свесни дека секој нареден меч за нас во ситуацијата во која се наоѓаме е најважен! Па така и размислуваме. Тиквеш е веќе минато, со мислите сме насочени и максимално концентрирани само кон следниот противник – Вардар. Од неодамна завршениот зимски преоден рок, може да забележиме дека во Вардар, како и кај нас, има позитивни промени. И изгледот на табелата, и ривалитетот меѓу клубовите налагаат да очекуваме дека ќе биде еден тежок натпревар, но сепак ние како екипа заедно со стручниот штаб имаме свои цели и замисли што ако ги оствариме, јас верувам дека позитивниот резултат нема да изостане“ – истакнува Маневски.

Се вчитува...