ЕКИПА во Хрватска,
Стеван Цаневски
Никола Митревски во одлична форма го дочекува овој светски шампионат, а искусниот голман е максимално мотивиран пред новиот предизвик во репрезентативната кариера. Според Митревски, важно ќе биде Македонија на секој меч да се обиде да ја игра сопствената игра, а не да дозволи противникот да диктира темпо.
„Атмосферата во нашиот табор е позитивна, со нетрпение се очекува овој прв натпревар. Уште од самиот старт на подготовките, пред триесетина дена, едвај чекавме да дојде овој 15 јануари, за да излеземе на терен на првиот меч на СП 2025. Можам да кажам дека одработивме квалитетни подготовки и најважно од се ќе биде да го покажеме своето вистинско лице. Тоа значи да ја играме нашата игра, она што го работевме изминатиот период и да не дозволиме ривалите да го диктираат темпото.“, истакнува македонскиот голман.
Македонија успеа да слави на својот последен меч на големите натпреварувања, триумфирајќи над Швајцарија во последното коло од ЕП 2024, што секако ќе влијае позитивно врз самодовербата на ракометарите на овој шампионат.
„Секоја победа на големите натпреварувања е убава, дава дополнителен мотив и ја крева самодовербата кај сите репрезентативци. Таа победа над Швајцарија ја вметна Македонија меѓу носителите во ждребот за бараж за ова СП, таму го добивме најтешкиот ривал од неносителите, селекцијата на Фарските Острови, која по голема борба успеавме да ја совладаме и да стигнеме до билет за овој мундијал. На тој дуел во Скопје покажавме дека можеме да се носиме и со ривали кои инсистираат на брз ракомет, тоа сакаме да го потврдиме и во Вараждин“, вели Митревски.
Тој има само пофални зборови за денешниот противник, кој е одлично покриен на сите делови од тимот и важи за една од најдобрите светски селекции во моментов.
„Унгарија е навистина силна репрезентација, одлично покриена на сите позиции, со извонреден тандем на пивоти, но и бекови со моќен шут од 9-10 метри. Тие се навистина една комплетна селекција кај која е тешко да најдете слаба точка, но наше е да излеземе и да дадеме се од себе за да им се спротивставиме. Се знае дека сме едни од фаворитите во групата за тие три позиции кои водат во следната фаза, наша желба е ако ни се укаже можност да пренесеме и некој бод во главната рунда, а потоа и да се бориме со останатите ривали за што подобар резултат во Вараждин“, порачува Никола Митревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА