ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Мартин Велковски одигра квалитетен натпревар против селекцијата на Унгарија, постигнувајќи три погодоци во одличниот меч во кој Македонија ремизираше со главниот фаворит во групата.
Тој веднаш по натпреварот се осврна и на големата трагедија што вчера му се случи на македонскиот ракомет – прераната смрт на тренерот Александар Јовиќ.
„На почеток би сакал да изразам сочувство до семејството на Јовиќ. Сите бевме во шок, потресени… голем дел од оваа репрезентација мина низ неговата школа, во одреден дел го имавме за тренер, јас имав можност да соработувам со него и неодамна, во тимот на Е. Пелистер. Шокот беше огромен, но дадовме се од себе за да останеме фокусирани. Знаевме дека на трибините ќе има голем број на Македонци, игравме за нив и за Јовиќ. Што се однесува до самиот натпревар, секако дека жалиме што не победивме, но ако некој пред мечот ни понудеше реми со Унгарија, сигурн ќе го прифатевме. Покажавме голема борба, можеби пред крајот во таа борба загубивме глава, но сметам дека целосната слика е крајно позитивна“, истакна Велковски.
Ракометарите немаат многу време за одмор бидејќи експресно ќе следи пресметката со Холандија (петок, 18 часот).
„Пред нас е Холандија, мое мислење е дека оваа селекција повеќе ќе ни одговара како стил на игра, пред се бидејќи немаат така физички корпулентни пивоти како што тоа беше случај со Унгарија. Точно е, играат побрзо и тоа би можело да биде проблем, но верувам дека ние ќе подготвиме максимално за она што следи“, порача Мартин Велковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА