ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Преспиената ноќ беше добредојдена за средување на впечатоците по синоќешниот луд меч со Унгарија, партија со која оваа „нова Македонија“ потсети на оние времиња од пред десетина години, кога бевме „нагазна мина“ за најдобрите во Европа и светот.
И повторно Хрватска е земјата во која Македонија има нов ракометен блесок, овојпат со една поинаква генерација која за првпат на ракометна Европа и докажа дека е подготвена за надигрување со најдобрите….
- Кире Лазаров беше кошмар за противниците како играч, сега нашата ракометна легенда оди по истиот пат и како тренер. Дуелот со Унгарија беше доказ за тактичката генијалност на Кире, кој одлично ги склопи сите коцки од мозаикот, одигравме цврсто во одбрана, трпеливо во напад… Лазаров цел натпревар делуваше како да е чекор напред во однос на својот добар пријател Чема Родригез, најде начин да ги „отсече“ моќните унгарски пивоти од бековската линија, а во нападот во неколку ситуации имавме маестрални акции што резултираа со чисти позиции и голови од крило. Лазаров од шампионат во шампионат расте како тренерска величина, со него и целокупната македонска репрезентација како колектив што во иднина ќе биде „тврд орев“ за сите противници.
2. Филип Кузмановски најдобро покажа зошто важи за лидер на оваа македонската репрезентација. Капитенската лента беше само мотив плус за одличниот бек да блесне во сиот свој сјај. Одигра со срце, знаеше кога да повлече полуконтра, кога да застане, беше тука да ги бодри соиграчите во секој момент…. И згора на тоа, со десет погодоци го торпедираше унгарскиот гол.
3. Колективот пред индивидуалците… Кузмановски беше лидер со десет гола, но она што најмногу импресионираше беше македонскиот колектив. Фактот дека против еден ваков ривал меѓу стрелците се запишаа 11 различни ракометари, а голем дел од нив дадоа и огромен придонес во одбраната, јасно укажува на напредокот во секој аспект од нашата игра. А со оглед на младоста и потенцијалот, најдоброто од Македонија допрва следи, не само на овој шампионат, туку и во иднина…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА