Поранешниот член на стручниот штаб на репрезентацијата на Унгарија, но и поранешен селектор на Србија, Владан Матиќ во разговор за „Балкан хендбол“ го анализираше првиот натпревар на македонската репрезентација на Светското првенство 2025.
Матиќ не крие дека е воодушевен од енергијата која ја презентираа македонските ракометари максимално изненадувајќи го фаворитот Унгарија во ремито од 27-27.
„Ми се допадна енергијата на Македонците. Да дадеа уште некој гол од лево крило ќе го добиеја натпреварот. Ми се допаѓа енергијата, ми се допаѓа Митревски. Има нешто во себе, ги фаќа тие важни топки. Така беше во Порто, сега во Пелистер. Ми се допаѓа младоста. Имаат глава и опашка, Кире убаво го склопил тимот. Го слушаат, го гледаат како да е Бог. Тоа е многу важно. Изгледаат многу културно и убаво. На него гледаат како на Бог, што е ретко на Балканот и се трудат да почитуваат се што ќе се договорат. Нема солирања, нема изуми, нема ѕвезди, тие се тим. Квалитетот е ограничен, не е за некои дела веднаш сега, но нека работат, нека се развиваат и успех ќе има“ – коментира Матиќ за „Балкан хендбол“, притоа дополнувајќи:
„Ризикувам да бидам критикуван, но Унгарците изгледаа малку претенциозно, без причина. И самите Унгарци велат: ‘Ни недостига таа енергија што ја има Балканот, да гориш додека играш’. Ништо не ставија на маса, не велам дека се опуштени, но нема жар. Веројатно сега и тие ќе се разбудат. Играат добро против добри тимови. Навистина ме изненади Македонија, таа неверојатна еуфорија… Горат. До кога ќе трае, колку може да трае таа енергија. На крајот на краиштата, тие се луѓе од крв и месо, но ќе видиме. Судиите малку ја пуштија Македонија да игра на работ на пасивност и тие го искористија тоа. Имаа триумф во ракав, но го испуштија поради недостаток на искуство, па им дозволија на Унгарците да се провлечат. Тоа ќе биде предупредување за нив, кои мора да имаат поинаков пристап. Мора да играте со жар за репрезентацијата. Ова е добра шлаканица за нив, да се разбудат и да покажат против Холандија дека се добра, навистина добра репрезентација, кога се на врвот. Не сум сигурен дека Холандија ќе им земе бод на Унгарците“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА