Лазаревски: Од срце им благодарам на навивачите, кобна беше таа „сива зона“ што не е дефинирана…

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Македонските ракометари видно разочарани го напуштија теренот по денешниот пораз од Холандија, а пивотот Милан Лазаревски од срце говореше пред македонските новинари.

„Не сум човек што сака да коментира судиски одлуки и критериуми, треба пред се да го погледнеме сопствениот двор, да ги разрешиме проблемите во играта што ги имавме и да бидеме уште подобри на наредните натпревари. Во мојата глава нема морални победници, останува фактот дека ние го загубивме овој меч на теренот, може да дискутираме на кој начин тоа се случи, но мене како играч ме интересира само крајниот резултат, а тој не беше на наша страна. Би сакал уште еднаш јавно да им се заблагодарам на македонските фанови, нивната поддршка е драгоцена за нас и ја крева нашата игра на едно уште повисоко ниво. Од срце им благодарам за она што го прават за нас, горди сме што имаме вакви навивачи и верувам дека до крајот на ова СП ќе им се оддолжиме со добри игри и резултати“, изјави Лазаревски.

Судискиот критериум е главна тема по завршувањето на овој натпревар, а Лазаревски кратко ги прокоментира одлуките на данските арбитри.

„Знаете, во ракометот постои некоја сива зона што не е дефинирана кога станува збор за арбитражата, овојпат таа сива зона беше на страната на противникот, не ни беше дозволено да се вратиме кога игравме добро во нападот, но редовно добивавме исклучувања и пенали за Холандија и камбекот беше невозможен. Честитки за моите колеги, не беше едноставно да се игра ваков натпревар, покажавме квалитет и карактер, имавме голема поддршка од трибините, за жал тоа не беше доволно за да стигнеме до резултатот што сите го посакувавме“, истакна големиот борец Милан Лазаревски.

Се вчитува...