Лазаревски „директ во лице“ на Данците: „Овие навивачи ги сакам секој ден…, тоа што за вас е невообичаено, не е и за нас!“

И данската телевизија „ТВ2“, вообичаено како и секогаш истакнувајќи ја ‘проблематиката’ на балканскиот начин на навивање на ракометните терени, веднаш со свое известување за натпреварот меѓу Холандија и Македонија на СП 2025 на кој во центарот на вниманието беа токму данските судии Мадс Хансен и Јеспер Мадсен.

„ТВ2“ однесувањето на македонските навивачи го оквалификува како неконтролирано, за да потоа „побара поддршка“ на своите ставови и преку изјави од македонските репрезентативци. Но, очекувано, на провокативните прашања не доби поддршка, но директен одговор од Милан Лазаревски во негов стил, дека тоа што за нив е нешто невообичаено и не мора да значи дека е невообичаено.

„Можеби е различно и невообичаено кај вас во Скандијавија, но тука не е така како што вие мислите. Можеби не е најпријатното чувство во светот, ама не е баш необично како што луѓето мислат“ – изјави Лазаревски по синоќешниот меч.

А, потоа следеше и прашањето од „Тв2“ „дали е добро да има вакви навивачи цело време, или да ги нема навивачите кои создаваат притисок?“…

„Да, секако! Секој ден. Сакам да бидат со нас на секој меч и секогаш. Ги сакам моите навивачи Македонци и секогаш ги поддржувам. Ако треба да зборуваме со нив за нешто, тоа го правиме зад затворени врати. Никогаш нема да ги критикувам во јавност“ – рече македонскиот репрезентативец.

Данската „Тв2“ е долгогодишен негатор на балканскиот ракомет, постојано прокламирајќи мислење за доминацијата на скандинавскиот ракомет. Тоа е телевизијата која му приреди „местенка“ на Драган Начевски за суспензијата од ЕХФ, а од вчерашниот натпревар меѓу Холандија и Македонија единствено и беше важно што се случуваше на трибините, и револтот на македонските навивачи кој не беше насочен кон холандските ракометари, како што се обидуваше да прикаже, туку кон данските судии.

Се вчитува...