Ѓорѓиоски во Кратово дебитира на клупата на Струга ТЛ: „Тимот има квалитет да освои барем еден трофеј сезонава“

Шампионот Струга ТЛ предводен од новиот тренер Илчо Ѓорѓиоски денеска со дуелот против Силекс во Кратово почнува нова етапа од своето постоење.

Ѓорѓиоски пред дебито на клупата на стружани вели дека е предизвик да се води шампионот на Македонија со кого целта сезонава е секако освојување на една од титулите во домашните натпреварувања.

„Пред се предизвик и задоволство е да се води ваков клуб кој е шампион на Македонија. Дојдов во многу добра средина, во клуб кој има големи амбиции секоја година, искрено верувам во целиот овој проект и верувам дека на крајот сите заедно ќе бидеме успешни“ – вели Ѓорѓиоски.

Стружани, сепак, во моментов дури се на петтото место на табелата, а во Купот треба да минат полуфинална пречка пред битката за титула. Дали мислите дека клубот има квалитет и сила на крајот да донесе барем еден трофеј во Струга?

„Да не мислев така, немаше да го прифатам овој предизвик. Верувам дека Струга веројатно го има најдобриот индивидуален тим и многу квалитетен клуб. Потребна е работа, дисциплина, секој од играчите поединечно мора да го даде својот максимум и верувам дека доколку тоа се случи, мора да бидат посветени и максимално фокусирани и на резултатите на клубот. Верувам дека доколку се случи такво нешто, тогаш на крајот ќе освоиме еден од трофеите, а секако би ги сакале и двата“ – истакнува Ѓорѓиоски и дополнува:

„Да. Струга моментално е на петтата позиција, има голема разлика зад екипите на првото и второто место, но не се откажуваме од ништо, така што ни претстојат натпревари, ќе одиме од натпревар во натпревар, како што реков претходно, имаме добар тим, верувам во овие играчи, верувам во организационата структура на клубот и верувам дека можеме да донесеме барем еден трофеј оваа сезона“.

Колку добро го познавате тимот и дали има играчи со кои досега сте соработувале?

„Го познавам тимот, го следам на секој натпревар, го знам и квалитетот на играчите, ќе сторам се што е во моја моќ, што значи да ја завршам работата на најпрофесионален начин, да го извлечам максимумот од секој поединец, значи да дадеме се што има во однос на квалитетот, со цел од тие индивидуални квалитети да произлезе колективен квалитет кој на крајот ќе ни донесе резултати“.

ПРВА ЛИГА – 21. КОЛО (денеска, 14 ч.)
ДЕНЕСКА:
Тетово: ШКЕНДИЈА – TИКВЕШ
Кратово: СИЛЕКС – СТРУГА ТЛ
Скопје: ГОСТИВАР – РАБОТНИЧКИ
Охрид: ВОСКА – АП БРЕРА
Скопје: ШКУПИ – ПЕЛИСТЕР
ВЧЕРА:
Скопје: ВАРДАР – БЕСА 0-0

Се вчитува...