Легендата на светскиот фудбал Роналдо се откажа од својот план да се кандидира на изборите за претседател на Бразилската фудбалска конфедерација.
„Феноменот“ се пожали дека не добил речиси никаква поддршка од поединечните федерации на сите 27 држави во земјата. Така, сега се чини дека сегашниот претседател Едналдо Родригез ќе биде реизбран за нов мандат.
„Откако јавно ја објавив мојата желба да се кандидирам за претседател на Бразилската фудбалска конфедерација (CBF) на следните избори, сега и официјално ја повлекувам мојата кандидатура. Ако мнозинството кое има право на глас смета дека бразилскиот фудбал е во добри раце, тогаш моето мислење не е важно. Како што веќе напоменав, моите први чекори ќе бидат насочени кон давање повеќе глас и простор на клубовите, како и слушање на федерациите со цел да се подобрат натпреварите и развојот на спортот во нивните региони. Неопходната промена мораше да дојде од оваа стратешка координација преку моќта на заедничката визија. Но, при првиот контакт со 27-те членки на федерацијата наидов на 23 затворени врати. Федерациите одбија да ме примат, со образложение дека се задоволни од сегашната администрација и го поддржаа нејзиниот реизбор. Не добив можност да го претставам мојот проект, да ги презентирам моите идеи. Не беше дадена можност за дијалог. Им благодарам на сите што покажаа интерес за мојата иницијатива и продолжувам да верувам дека патот до развојот на бразилскиот фудбал е пред се преку дијалог, транспарентност и единство“, стои во соопштението на Роналдо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

