Фенербахче ја отвори вратата за Донарума во Манчестер Сити

Ерата на Едерсон во Манчестер Сити и официјално ќе заврши денеска откако „граѓаните“ ја прифатија понудата на Фенербахче за да го продадат бразилскиот голман во овој турски гигант. Трансферот на Едерсон е исклучително важен бидејќи Сити чекаше на заминување на Бразилецот за да може да го доведе Џанлуиџи Донарума од ПСЖ, трансфер кој би требало без поголеми проблеми да биде комплетиран во текот на денешниот ден до крајот на преодниот рок.

Едерсон минатиот месец беше поврзуван со преселба во Галатасарај, но турскиот тим никако не успеваше да се договори со Сити околу висината на отштетата. Фенербахче се вклучи во трката пред неколку дена, откако турскиот гигант тргна во трансфер-офанзива по разделбата од Жозе Мурињо. Конечно, беше постигнат договор Едерсон да се пресели во Истанбул за сума од 13 милиони евра, па Бразилецот по деталните лекарски прегледи ќе потпише четиригодишен договор со новиот клуб.

Тој ги мина првите натпревари сезонава на клупата за резерви откако Гвардиола реши да му даде предност на Трафорд, што не се покажа како најдобар потег ако се знае дека Сити има само три освоени бода по првите три рунди во Премиер-лигата.

Доаѓањето на Едерсон широко ја отвори вратата за заминување на Доминик Ливаковиќ од Фенербахче откако турскиот клуб доби понуда од Вест Хем за хрватскиот репрезентативец.

Се вчитува...