Синер: Бев премногу предвидлив, нешто ќе морам да менувам

Јаник Синер го загуби тронот на АТП-листата откако синоќа беше поразен во финалето на УС Опен од Карлос Алкараз, па италијанскиот ас не го криеше разочарувањето што повеќе не е прворангиран светски тенисер.

Тој му честиташе на својот ривал за заслужената победа, потенцирајќи го и главниот проблем во својата игра што ќе мора да го реши во наредниот период.

„Имав проблеми со сервисот, а кога сте под 50% со првиот сервис против Алкараз и Ѓоковиќ секогаш ќе имате проблеми и притисок. Не се снајдов ниту при вториот сервис на Карлос денеска, но мислам дека анјголем проблем ми беше што бев премногу предвидлив. Карлос се имаше адаптирано, променето некои работи во однос на последниот дуел. Оние ситници кои мене ми ја донесоа победата на Вимблдон овојпат беа на негова страна и заслужено победи. Мојата предвидливост беше главниот проблем и тоа е она на што ќе морам да работам. Можеби е подобро некогаш и да загубам неколку меча во годината, но да се обидам да сменам нешто, да додадам некои нови аспекти во мојата игра. Не го велам ова само за дуелите со Алкараз, туку и за сите останати, ако сакам да напредувам морам да внесувам нови елементи во мојата игра“, истакна Синер по болниот пораз.

Се вчитува...