ЕКИПА во Загреб,
Стеван Цаневски
Пелистер со пораз ја стартуваше дебитантската сезона во ФИБА Европа купот откако битолчани вечерва загубија на гостувањето против Цедевита јуниор со убедливи 94-76. Домаќинот заслужено стигна до победата во меч во кој хрватскиот тим покажа поголема желба и агресивност, доминираше во скок играта, а имаше и далеку подобар шут од далечина од македонскиот претставник.
Цедевита јуниор стартуваше одлично и отвори со 6-0, но Пелистер го имаше расположениот Андреј Митревски, кој иницираше пресврт и водство на „зелено-белите“ од 8-9 во 4. минута од мечот. Двата тима влегоа во серија промашувања во нападот, мечот беше израмнет до 18-18, но хрватскиот тим сепак ја заврши четвртината со предност од 24-20. Следеше експресно израмнување во режија на Бобан Стајиќ (најпрвин асистенција, потоа и лесно положување по украдена топка), но како што одминуваше времето така „пелистерци“ се повеќе се мачеа во нападот, но и во скок-играта под сопствениот кош. Цедевита јуниор знаеше како да го искористи тоа, поведе со 35-27, по што го контролираше резултатот до крајот на полувремето пред се благодарение на скок-доминацијата (26-13 во играта под обрачите), на одмор заминувајќи со девет поени предност (44-35).
Третиот период мина во контрола на резултатот од страна на хрватскиот претставник, „пелистерци“ само за момент ја спуштија разликата под десет поени, па домаќините влегоа во четвртата четвртина со уште поубедливи 67-53. Пелистер на половина од четвртата четвртина стигна до „минус десет“ (74-64), но следеше тројка на Даниелс во вистинскиот момент за домашниот состав. Цедевита јуниор потоа до самиот крај го исконтролира резултатот, славејќи заслужено со убедливи 94-76.
Центарот Ленгстон Вилсон имаше дабл-дабл за Пелистер со 17 поени и 12 скокови, Митревски постигна 16 поени, а Си-Џеј Вилсон 11 поени за битолчани на овој натпревар.
Пелистер во второто коло од ФИБА Европа купот следната среда на домашен терен ќе го пречека тимот на Превидза од Словачка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

