Спенсер Динвиди пред неколку дена стана достапен на пазарот по раскинот на неговиот НБА-договор, по што бројни евролигашки екипи покажаа сериозен интерес даго доведат одличниот бек во своите редови.
Прв со сериозна понуда се јави Ефес, интерес покажаа и Олимпијакос, Макаби и Партизан, но сосема неочекувано овој искусен кошаркар за следна дестинација во кариерата го избра – Баерн Минхен. Баварскиот гигант попладнево се пофали со значајниот потпис, носејќи врвно засилување кое ќе биде огромен плус за бековската позиција во ситуација кога Баерн подолго време е без првиот плејмејкер Јокубаитис.
Динвиди доаѓа во Европа по одиграни 621 натпревар во НБА, и тоа со импресивни бројки од 13 поени и 5,1 асистенции по натпревар за овој 32-годишен кошаркар. Негов последен клуб беше Далас маверикс, а претходно ги бранеше и боите на ЛА лејкерс, Бруклин нетс, Вашингтон, Детроит…
Договорот меѓу Динвиди и Баерн е со важност до крајот на сезонава, без клаузула за неегово евентуално враќање назад во НБА доколку добие интересна понуда од другата страна на Атлантикот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

