Македонија против Европа – Се е подготвено за ракометниот спектакл во Скопје (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Организаторите на натпреварот „Легендите на сцена“, Спортско радио 90.3 фм, по повод 20 годишнина од формирањето на единственото спортско радио во Македонија, денеска одржаа официјална прес-конференција пред утрешниот натпревар во СЦ „Јане Сандански“ во кој ќе се сретнат екипи на Македонија и Европа, составени од ракометни ѕвезди со бројни европски, светски и олимписки трофеи.

На денешната прес-конференција присутни беа легендарниот хрватски стратег Лино Червар, легендите на македонскиот ракомет Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов, како и рускиот ракометар Данил Шишкарев кои, меѓу другите, ќе бидат дел од утрешниот спектакл во „Јане Сандански“.

Легендарниот хрватски тренер Лино Червар ја имаше честа прв да им се обрати на присутните.

„Немам зборови како да се заблагодарам. Секој ден размислувам за Македонија и мојата втора татковина. Многу сум среќен што сме тука денеска со моите пријатели и моите поранешни играчи. Спортот е единствено нешто кое може да ги спои луѓето. Соперниците стануваат пријатели. Тргнувам од себе бидејќи и јас не сум савршен. Мораме да ги учиме децата што е спорт и да го сакаат спортот. Треба да ги воспитуваме по узрок на тимскиот дух и грижата за другите и уште повеќе грижа за среќа на другиот. Ви благодарам на сите и се гледаме утре“, изјави Червар. 

Свое излагање имаше и легендарниот ракометар на Вардар, Данил Шишкарев.

„По Червар тешко е да се зборува. Се трудам да зборувам на македонски бидејќи многу време поминав тука. Голема чест ми е да бидам тука и во среда да излезам на теренот во „Јане Сандански“. Бев до салата на мечот на Вардар со Бутел и дефинитивно голема емоција побуди во мене влезот во „Јане Сандански“. Мило ми е што во среда ќе бидам со дечките со кои поминав убави денови во Вардар и во Скопје“, изјави Шишкарев. 

Своја изјава дадоа и Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов.

„Чест и задоволство е да се биде тука со легендите на македонскиот и европскиот ракомет. Утре може да ви ветам голема забава, а за квалитетот не можам да гарантирам. Ве поканувам да дојдете и сите заедно да се дружиме“, изјави Миркуловски. 

„Ќе ми биде чест да го делам теренот со играчи со кои што настапував во мојата кариера и ќе можеме на еден убав начин да им го честитаме роденденот на Спортско радио“, изјави Стоилов. 

Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ ќе се одигра утре со почеток во 19 часот.

 

Преостанатиот дел од билетите може да се купат онлајн на ticketx.com.mk, и во билетарницата на СЦ Јане Сандански како и во продажната мрежа на TicketX низ цела Македонија по следниве цени и категории:

    • Блок 3, 8, 11 и 16 – 300 ден.

    • Блок 1, 2, 9 и 10 – 400 ден.

    • Блок 4, 5, 6, 7, 12, 13, 14 и 15 – 600 ден.

    • Блок А2, А3, А5 и А6 – 800 ден.

    • Блок А1 и А4 – 600 ден.

    • ВИП Партер – 3.000 ден. (само 50 билети)

БИЛЕТИ – ЛИНК

 

Се вчитува...