Фудбалската федерација на Македонија со особена гордост информира дека нашиот национален кондиционен тренер на фудбалските судии, Сашо Даневски, од страна на УЕФА официјално е назначен за главен фитнес тренер на елитните судии во Европа.
Со ова назначување, Даневски на 1. јули ќе ја преземе одговорноста за физичката подготовка, мониторингот и развојот на елитните судии на УЕФА, како и лидерска улога во координацијата на кондиционите тренери од 55-те национални асоцијации членки на УЕФА.
Во изминатите години, Даневски континуирано и посветено ја градеше својата меѓународна кариера во системот на УЕФА. Неговиот професионален пат започна како асистент тренер на курсеви за млади и талентирани судии, по што следуваше активно учество на летни и зимски семинари за елитни судии, програмата Talent & Mentor, како и самостојно водење повеќе месечни курсеви и специјализирани тренинг-активности.
На три последователни работилници Даневски беше ангажиран како инструктор за националните кондициони тренери, а неговата експертиза беше потврдена и преку ангажманот на двете големи европски натпреварувања, UEFA EURO 2024 и UEFA Women’s EURO 2025, каде што беше дел од турнирите до самата завршница.
Веќе подолг период Даневски е одговорен за индивидуални анализи од реализираните семинари со најдобрите европски судии, анализа на натпревари, како и за подготовка и реализација на комплексни тренажни содржини насочени кон носење судиски одлуки под притисок и во услови на висок физички интензитет.
До овој момент, Сашо Даневски директно учествувал во успешната реализација на 33 семинари и работилници на УЕФА, додека како експерт на Фудбалската федерација на Македонија бил ангажиран и во спроведување национални семинари во Швајцарија, Србија, Црна Гора и Саудиска Арабија.
Ова назначување претставува огромно признание за Даневски, но и за Фудбалската федерација на Македонија, македонската судиска организација и стручниот кадар кој сè повеќе се позиционира на највисоко европско ниво.
Особено значајна во овој процес е континуираната поддршка што судиската организација на Фудбалската федерација на Македонија ја добива од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ. Со јасна визија, отворен пристап и целосна институционална поддршка, првиот човек на македонскиот фудбал овозможува непречен прогрес, професионален развој и создавање услови за унапредување на судискиот кадар на национално и меѓународно ниво. Ваквиот пристап претставува важна основа за понатамошно позиционирање на македонската судиска организација во европските фудбалски структури.
Фудбалската федерација на Македонија му честита на Сашо Даневски за ова исклучително професионално признание и му посакува многу успех во новата, одговорна улога во системот на УЕФА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
