Зад нас оставаме уште една календарска година во која ракометот на најдобар можен начин покажз зошто е спорт број 1 во Македонија.
Се почна со јануарскиот настап на сениорската репрезентација на СП во Вараждин, каде нашите ракометари се покажаа во одлично светло. Ремито со силната Унгарија беше најава за она што следи, од ритам не бевме исфрлени и покрај судискиот грабеж против Холандија, па Македонија одигра исклучително и во првата и во главната рунда, на крајот освојувајќи го 15. место во генералниот пласман.

Пласманот сам по себе е добар, но повеќе од него радува покажаниот квалитет и карактер на нашите ракометари, кои и при завршена смена на генерации го одржуваат континуитетот од настапи на големите натпреварувања.
На 1 март 2025 беше означен крајот на најуспешната ера во ракометниот спорт, откако Живко Мукаетов реши да се повлече од функцијата претседател на Ракометната Федерација на Македонија. Успешниот бизнисмен (на чие место пристигна Александар Стефанов) мина повеќе од една деценија како прв човек на ракометот, го издигна овој спорт до врвот на спортската мапа во Македонија, по што реши да се посвети на клубот што во меѓувреме го формираше, како македонски проект во кој домашните играчи ќе имаат можност да растат и да добиваат шанса и поголема минутажа.
А РК Алкалоид како клуб ќе ја памети оваа 2025 година по историскиот успех кренатиот европски пехар откако „сино-белите“ од Автокоманда предводени од Кире Лазаров го освоија ЕХФ Европскиот куп. Срамното однесување на АЕК на реваншот во Скопје придонесе да нема шоу за паметење во преполната сала „Борис Трајковски“, но ЕХФ пресуди правилно – Алкалоид стигна до заслужениот пехар што му беше врачен на стартот од новата сезона.

Домашното првенство понуди огромни возбудувања, а на титулата на крајот се радуваше Пелистер, и тоа во супердраматичен финиш во кои битолчани среде Скопје го совладаа Вардар. На „црвено-црните“ им беше доволно и реми, но „пелистерци“ покажаа карактер, одиграа најдобро кога беше најважно и еуфорично ја прославија титулата.
За жал, „зелено-белите“ никако не успеваат да направат посериозен чекор напред кога станува збор за Лигата на Шампионите, ланската сезона не обезбедија пласман во нокаут фазата, а во првиот дел од оваа сезона имаат само четири бода по првите 10 рунди, без преголеми шанси за учество во следната рунда.
За квалитетот на ракометот добар доказ е и силната домашна лига, во која на триото Пелистер – Вардар – Алкалоид му се приклучи и Охрид. Охриѓани минатото лето направија дополнителен ремонт во играчкиот кадар, уште повеќе се засилија, па со победите над Алкалоид и над Пелистер во последните месеци јасно ставија до знаење дека се решени да се вмешаат во трката за што повисок пласман.
На меѓународен план, Данска ја продолжи доминацијата на големите натпреварувања со златен медал на мундијалот во финалето што се одигра во Норвешка, каде Данците беа подобри од Хрватска со 32-26.
Магдебург стигна до врвот на европскиот клупски ракомет откако на Ф4 турнирот во Келн најпрвин го зеде скалпот на Барселона, а потоа славеше и во пресметката со Фухсе Берлин (32-26).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

