Министерот за спорт, Борко Ристовски гостуваше во новогодишното издание на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК.
Првиот човек на македонскиот спорт, одговараше и на прашањата околу размислувањето на дел од спортската јавност, дека како поранешен ракометар, повеќе го форсира ракометот во однос на другите спортови, но и како поранешен член на Вардар дека повеќе го форсира Вардар во однос на другите клубови. Ристовски потенцираше дека резултатите се единственото мерило според кое се води Министерството за спорт, а не може да се сокри фактот дека ракометот е најуспешен спорт.
Ристовски нагласува дека нема никаква вистина дека и Вардар е форсиран затоа што Пелистер, соглсно резултатите изминативе години, добива повеќе средства од државата.
„Што се однесува до тоа дека некои се обидуваат да налепат дека јас сум бил поранешен ракометар, па сега ракометот е приоритет, не разбираат или не сакаат да разберат дека резултатите се единствено мерило според кое што се водам јас. Јас сум бил успешен спортист токму затоа што сум ги почитувал правилата на игра. Без разлика дали јас сакам некој спорт повеќе или помалку, тоа не значи дека ќе биде априори приоритет пред другите. Јас ги гледам само резултатите. Ракометната федерација и ракометниот спорт е квалификуван на сите големи натпреварувања, во младински категории, кадетски…, А-репрезентацијата оди на сите големи натпреварувања, така да резултатите се тие кои што го диктираат темпото, а не тоа дали јас сум бил поранешен ракометар или сум бил поранешен кошаркар или одбојкар, или не знам уште што“ – вели Министерот за спорт.
Но, интересно, и во самиот ракомет има некои напади дека сте биле во Вардар долго време, па сега повеќе го форсирате Вардар кога е финансиската поддршка во прашање?
„Апсолутно не е така. Јас сум бил дел од Вардар и нормално е да имам симпатии за одреден клуб. Меѓутоа, кога се работи за професионалност, кажав, и за принципи и за држење до правилата на игра, апсолутно не правам разлика кој е кој. Јас можам само да кажам дека финансиската поддршка за Пелистер е поголема од државата, од онаа финансиска поддршка која што ја добива Вардар. Тоа секако се должи само на тоа што го кажав на почетокот, а тоа е дека резултатите ја диктираат поддршката од државата. Пелистер настапува во Лига на шампиони, три години е шампион на Македонија и логично е да добие поголема финансиска поддршка од државата, отколку Вардар или не знам од Алкалоид. Ете, можеби, ова е факт кој јавноста не го знае, а тоа е дека Министерството за спорт дава поголема поддршка на Пелистер во случајот отколку на ракометен клуб Вардар. Можеби тие од Битола ме обвинуваа дека јас сум давал повеќе поддршка на Вардар. Сега од Вардар ќе биде зошто зема Пелистер повеќе средства, така да тоа се нормални работи во едно општество. Вие не можете да направите сите да бидат задоволни. Меѓутоа, сите оние кои што имаат нешто да приговорат треба да имаат барем малку докази за она што го кажуваат“ – истакнува Борко Ристовски.
ГЛЕДАЈ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

