Данска по голема борба сепак најде начин да го совлада Исланд и да стигне до финалето на ЕП 2026, а селекторот Николај Јакобсен очекува тешка битка во мечот со златото со Германија на кој неговата селекција ќе има уникатна можност да ги обедини светското, олимпиското и европското злато на големите натпреварувања.
Данска повторно ќе ја има улогата на фаворит, но искусниот стратег е свесен дека Германија не е наивен противник.
„Финалето секогаш е нешто повеќе од обичен ракомет. Не знаеме како ќе тргне од почеток, но мораме да сме обединети, да играме еден за друг од првата до последната минута. Германците ќе бидат екстра мотивирани, ќе чувствуваат дека немаат што да загубат, на нас ќе биде да одговориме на вистински начин и бодрени од навивачите да стигнеме до победата“, вели Јакобсен.
Данскиот селектор издвои една работа како клучна во мотивирањето на својата репрезентација пред утрешното финале.
„Лесно е да се мотивираш кога нешто немаш освоено. А вистината е дека никој од нас, со исклучок на Расмус Лауге, нема титула од европските првенства, ниту јас како селлектор ниту било кој од останатите ракометари. Борбата за трофеј е мотив сам по себе, но кога тој трофеј никогашш досега го немаше освоено, тоа само ја прави желбата уште поголема“, истакнува Николај Јакобсен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

