Словенечката натпреварувачка во скијачки скокови Ника Превц триумфираше на скокалницата во фински Лахти во Светскиот куп.
Превц, која исто така славеше во Финска и вчера, ја забележа својата 16-та победа сезонава, соборувајќи го рекордот на јапонската натпреварувачка Сара Таканаши од сезоната 2013/2014.
На натпреварот во Финска, Превц славеше со 282 поени, со скокови од 130 и 128,5 метри.
На подиумот се искачија второпласираната Норвежанка Ана Одине Стрем (267,5 поени, скокови од 125 и 123,5 метри) и третопласираната Јапонка Нозоми Марујама (252,1 поени, скокови од 123 и 122 метри).
Во генералниот пласман во Светскиот куп, Превц е недостижна со 2.296 бода, додека второпласираната Марујама заостанува 682 бода.
До крајот на Светскиот куп остануваат уште пет натпревари, а програмата продолжува следниот викенд со скокови во Осло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

