Младите фудбалери на АП Брера направија уште еден крупен чекор кон освојување на шампионската титула во младинската Супер лига. Струмичани во дербито на сезоната како гости го совладаа директниот конкурент Работнички со 3-1.
АП Брера поведе во 21. минута со погодокот на Бојан Велков. Во 86. минута, Давид Димовски беше стрелец на израмнувачкиот гол за Работнички, а во самата завршница гостите успеаа на два пати да ја затресат мрежата на противникот.
Во 90. минута Ристе Милев и носи предност на АП Брера од 2-1, а во третата минута од судиското надополнување Иван Танчев го постави конечниот резултат.

Ова е втор триумф на АП Брера во мечевите со директните конкуренти за титулата откако пред неполни две недели на гостувањето во Скопје славеа над Вардар со 4-1.
Иако до крајот на првенството има уште 11 кола, АП Брера има седум бода повеќе од Работнички и десет бода предност во однос на Вардар кој денеска му гостува на Пелистер.

Вчера се одиграа уште четири натпревари од 19-тата рунда. Брегалница го совлада Тиквеш со 8-0, а мечот го одбележа Леон Момевски кој четири пати се запиша меѓу стрелците, Охрид Лихнидос го совлада Тетекс со 4-0. Шкупи триумфираше над Струга Трим Лум со 4-1 додека Шкендија во Тетово забележа победа од 3-0 во дуелот против Башкими.
Покрај натпреварот во Битола в недела се играат и мечевите Њу Старс – Скопје и Македонија – Арсими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

