Челси по 8-2 елиминацијата од ЛШ, останува без својот клучен играч!?

Енцо Фернандез ги разгоре шпекулациите за неговата иднина во Челси со изјава по тешкиот пораз од ПСЖ во Лигата на шампионите.

Аргентинецот, кој ја носеше капитенската лента на местото на повредениот Рис Џејмс, рече дека не знае што ќе донесе летниот преоден рок. Неговата изјава дојде откако Челси загуби со 3-0 на Стемфорд Бриџ синоќа, потврдувајќи го вкупниот пораз од 8-2 и елиминацијата од Европа.

Името на 25-годишниот играч од средниот ред веќе некое време се поврзува со трансфери во други клубови, вклучувајќи ги ПСЖ, Реал Мадрид и, неодамна, клубови од Саудиска Арабија. Коментарите на Фернандез се чини дека не помогнаа да се смират тие гласини.

„Не знам. Сè уште имаме осум натпревари и ФА Купот. Следно е Светското првенство, а потоа ќе видиме“ – коментираше Фернандез.

Тој пристигна во Челси во 2023 година од Бенфика за тогаш рекордни 106,8 милиони фунти, а се верува дека има договор што го обврзува со клубот до 2032 година.

Замолен да ја коментира изјавата на својот играч на прес-конференцијата по натпреварот, тренерот Лиам Розениор беше воздржан.

„Тешко ми е да зборувам за гласини веднаш по натпреварот. Сега морам да се фокусирам на најважното нешто, а тоа е да обезбедам добар резултат против Евертон во сабота“, рече Розениор.

Се вчитува...