ПОГЛЕД ОД СТРАНА: Не читајте го само крајот! Читајте ја целата книга!

ПИШУВА: Драган Томовски

Еден од најистакнатите домашни фудбалски работници и аналитичари, Драган Томовски, од свој агол, но погледнувајќи единствено од страната на фудбалот, ги анализира актуелните глобални но и домашни фудбалски текови…

===========================

Во фудбалот, најлесно е да се донесе заклучок по еден резултат. И најчесто – тоа е погрешниот заклучок.

По поразот на Бодо/Глимт од Спортинг (3-0), се појавија коментари кои не само што ја поедноставуваат сликата, туку и целосно ја промашуваат суштината. За некои, тоа беше доволен аргумент да се стави етикета – „Бодо не е тоа што се мислеше“. Токму тука се прави разликата меѓу анализа и навивање.

Бодо не е проект. Бодо е процес!

Уште во 2020 година, кога почнав подетално да ја следам работата на Кнутсен, не го открив Бодо – туку препознав нешто што веќе го имав како убедување за фудбалот. Начинот на кој неговиот тим размислува и реагира на теренот беше директна потврда дека тој правец не е теорија, туку применлива и ефикасна практика.

Токму затоа во тој период, во комуникација со помлади тренери кај нас, го посочував Бодо како пример што вреди да се следи – не поради сензација, туку поради јасната и доследна филозофија. Не како модел што треба да се копира, туку како принцип што треба да се разбере.

Во суштина, разликата е едноставна, но клучна.

Во првиот момент на освоен посед, кај Кнутсен – како и во моето разбирање на играта – првата мисла не е како да се заштити сопствениот гол, туку како најбрзо да се дојде до противничкиот. Сè друго е последица на тој избор, слободата и агресивноста на твојата екипа и фрустрираноста на противничката.

Но, тука е важно да се разбере нешто што често се пропушта: ова не е само ментален пристап, туку системски организирана игра.

Бодо има до висок степен разработен модел на организиран напад – со јасни движења, позиционирање, динамика и повторливост во акциите. Играчите не напаѓаат „по чувство“, туку во рамки на прецизно дефинирана структура која им овозможува брзина на одлука и изведба.

Исто така, постои и организирана одбрана. Но разликата е во приоритетот. Кај Бодо, одбраната е функција на нападот – не обратно.

Тоа е суштинската разлика во однос на многу други тимови, каде што првата мисла е контрола на ризик, па дури потоа иницијатива. Кај Кнутсен, иницијативата е почетна точка, а контролата е нејзина последица. Тоа не е стил. Тоа е став.

Тој ментален модел, поддржан со јасен тактички систем, создаде тим кој игра без страв, но не и без ред. Агресивноста не е хаос, туку насочена и организирана енергија. Самодовербата не е ароганција, туку предуслов за иницијатива.

Фото: X/FC Inter

И резултатите дојдоа. Не случајно.

Бодо во континуитет победуваше клубови со неспоредливо поголеми ресурси. Буџети, пазари, бренд, селекциска база – во сè е во подредена позиција. Норвешка, па и Скандинавија, не можат да се мерат со глобалниот пазар на играчи со кој располагаат клубовите од Лондон, Мадрид, Манчестер или Минхен…

Затоа, успехот на Бодо не е „нормален“. Тој е исклучок кој произлегува од систем и идеја.

Бодо го достигна својот врв!

Но секој процес има свои граници. Тие не се поврзани со знаење или желба, туку со реалноста на ресурсите.

Бодо го достигна својот врв. Не затоа што нешто почнале да прават погрешно, туку затоа што на долг рок не може да се води рамноправна битка со клубови кои имаат десеткратно поголеми можности на сите нивоа.

И тука повторно доаѓаме до суштината – што гледаме?

Ако гледаме резултат, ќе видиме пораз од 3-0. Ако гледаме процес, ќе видиме шест години системска работа која го помести начинот на размислување во фудбалот.

Проблемот не е во Бодо. Проблемот е во тоа што дел од публиката не прави разлика меѓу момент и континуитет, помеѓу случај и правило.

Истите тие кои денес се потсмеваат, утре ќе се повикуваат на „филозофија“, „модел“, „идентитет“. Но тие работи не се градат од резултат до резултат. Се градат од идеја која се повторува, се усовршува и се брани – дури и кога ќе се изгуби.

Токму затоа Кнутсен и Бодо ќе останат значајни. Не како сензација, туку како пример. Како доказ дека со јасен ментален пристап и јасно организиран систем може да се надминат ограничувањата – барем до одредена точка.

Минатата недела, со уредникот на ЕКИПА, разговаравме на таа тема. Нагласив а и сега го мислам тоа. Бодо го постигна својот клиренс. Објективно нема да може да се повторува на ова ниво. Но неговото ново, идно ниво ќе биде далеку поголемо од моментот (2019) кога Кнутсен „се фати„ со работа.

И тука приказната не завршува со Бодо. Тука почнува следното прашање.

Ако е јасно дека фудбалот постојано се чита, адаптира и надградува – што значи тоа за најголемите?

И системот на Гвардиола во Манчестер сити го достигна врвот – не затоа што е слаб, туку….

Тука доаѓаме до најинтересниот момент, кој веќе се наѕира во врвниот фудбал.

Се почесто се зборува за можен крај на ерата на Гвардиола во Манчестер Сити. Не затоа што системот е слаб, туку затоа што – како и секој доминантен модел – со тек на време станува прочитан, анализиран и постепено неутрализиран.

И токму тука се отвора суштинското прашање.

Ако решението се бара во тренер кој припаѓа на истиот систем, тогаш тоа не е промена. Тоа е обид да се продолжи истото – но без оригиналот.

Фудбалот не функционира така.

фото: mancity.com

Како што Бодо со својата идеја направи исчекор и наметна нов начин на размислување, така и врвниот фудбал постојано бара следен чекор. Не копија, туку еволуција.

Затоа, евентуалната одлука на Манчестер Сити нема да биде прашање „кој ќе го замени Гвардиола“, туку дали клубот има храброст да излезе од рамката на веќе создадениот систем и да направи нов исчекор.

Затоа што најголемите не победуваат само со квалитет. Победуваат затоа што во вистински момент се подготвени да се променат.

Фудбалот не бара копии. Бара нов чекор.

Токму тука е и најголемата лекција, и од Бодо и од врвниот фудбал: не победува оној што има најмногу, туку оној што во даден момент размислува и одлучува најточно.

Затоа, за да донесете вистински заклучок, никогаш не читајте го само крајот на книгата. Читајте ја целата книга!

Се вчитува...