Македонија ќе има нов шампион во женска сениорска конкуренција. За тоа се погрижија кошаркарките на Бадел 1862 кои во третиот и одлучувачки натпревар од полуфиналето во разигрувањето за титулата, на гостински терен беа подобри од сега веќе стариот шампион, екипата на Баскет кам со 61-59.
Го најавија ова големо изненадување кошаркарките на Бадел 1862 уште на првото доаѓање во Македонска Каменица, на почетокот на оваа полуфинална плеј-оф серија, за да денеска триумфираат во „мајсторката“ за победа од 2-1 во полуфиналната серија.
Кошаркарките на Бадел беа подобри практично од самиот почеток на решавачкиот меч во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.
Поведоа со 18-9 во првата четвртина кои гостинките од Скопје ги бранеа се до пред самиот крај на натпреварот.
Баскет кам поведе дури на нешто повеќе од три минути до крајот дојде до само 53-52, кога Адамовска погоди две слободни фрлања, како најава за неизвесна и драматична завршница во која подобро се снајдоа гостинските кошаркарки.
По поентирањето на Максимовска, на 55 секунди до крајот, домашниот тим одново поведе со (57-55). Но прво Фримен, а потоа и Клири донесоа уштее две промени на водството. Следуваа две реализирани слободни фрлања на Димова, за егал (59-59) и 16 секунди до крајот на играта.
Во нив, Фримен беше успешна од истата позиција, а во клучниот напад, Адамовска направи грешка, за голема победа на Бадел 1862 и место во финалето.
Со кого ќе играат за шампионската титула „баделки“ ќе дознаат по одигрувањето на третиот меч од серијата во кој, вечерва од 19 часот, играат екипите на Крива Паланка и Вардар (резултатот е 1-1).
Фримен беше централна фигура во играта Бадел. Реализираше 26 поени, дополнети со седум скока и четири асистенции. Клири имаше дабл-дабл ефект од 13 поени и 10 скока (имаше и четири асистенции), а Чолакоска додаде уште 10 поени, и три скока.
Во редовите на сега веќе поранешниот шампион, Максимовска заврши со 18 поени, дополнети и со седум скока, Адамовска имаше 15 поено, шест скока и три асистеции, а Димова заврши со 13 поени и 16скока.
„ШПАРКАСЕ ЛАЈФ“ ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ
ПЛЕЈ-ОФ – ПОЛУФИНАЛЕ (ТРЕТ НАТПРЕВАР)
Баскет кам – Бадел 1862 59-61 (1-2)
Вечерва 19.00 ч: Крива Паланка – Вардар (1-1)
Спортска сала „Бранители 2001“ – Крива Паланка
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/JIBVU-bCfGc?si=ulkeDDVupEj6ENrr
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
