ИСТОРИЈА: ОХРИДСКАТА ГОРДОСТ Е ВО ФИНАЛЕТО НА ЕХФ КУПОТ! (ВИДЕО)

Ракометарите на ГРК Охрид испишаа историја и се пласираа во финалето на ЕХФ купот откако вечерва по изведување на пенали беа подобри од словенечкиот великан Целје Пивоварна Лашко.

Како и во Словенија пред седум дена така и овој натпревар почна во егал. Двата тима играа неверојатно во одбраната, па првиот дел ни донесе вкупно само 22 гола, а Словенците се уште ја имаа предноста од еден гол од првиот меч (11-11).

Голманот Пилиповиќ одлично го стартуваше вториот дел, но неговите соиграчи никако не го искористија тоа и до 40. минута имаа само еден гол предност 14-13. Судиите од Полска дефинитивно го оштетија македонскиот тим откако во средината на вториот дел чист погодок не му признаа на Стрмљан, а по 47 минути се уште бевме во егал 17-17. Натпреварот продолжи во игра гол за гол, а на пет минути до крајот Охрид повторно беше на плус еден 22-21.

Јасухира успеа да извлече две минути, а Ѓукиќ стрелаше за 24-23 на една минута до крајот. Целје имаше напад за реми, но направија грешка а Охрид стигна конечно до посакуваните два плус 25-23, но Словенците со гол во последната секунда успеаја да го одведат мечот во пенал серијата (25-24).

Таму, по еден пенал промашија двата тима пред последната петта серија. Ѓукиќ беше прецизен, а Махуц го промаши целиот гол за големо славје на македонскиот тим.

 

Се вчитува...