Башкими информираше за состојбата на навивачот кој падна од трибините на мечот со Вардар

Фудбалерите на Вардар забележаа победа од 0-2 на гостувањето кај екипата на Башкими во натпревар кој се одигра во Гостивар. И покрај триумфот на „црвено-црните“, мечот остана во сенка на инцидентот кога навивач на домашниот тим падна од трибината, по што средбата накратко беше прекината.

Благодарение на брзата интервенција на медицинските екипи, навивачот веднаш беше пренесен во болница. Од таборот на ФК Башкими денеска испратија смирувачки вести до јавноста, потврдувајќи дека неговата здравствена состојба е добра и стабилна.

„Се случи неочекуван инцидент за време на натпреварот со Вардар, откако еден наш навивач падна од трибината. Му благодариме на Бог, неговата состојба е добра и стабилна. „Зелено-црното“ семејство му посакува брзо заздравување и брзо враќање на трибините да го поддржува клубот. Ќе бидеме со него“, напишаа од Башкими.

Се вчитува...