Најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК е посветена на легендата на Вардар и македонскиот фудбал, Васил Рингов, кој на крајот од минатата година го напушти, помалку неочекувано, овој свет.
А, гостин во специјалната епизода посветена на животниот пат на Васил Рингов е истакнатиот македонски новинар и публицист, Срѓан Ивановиќ, автор токму на биографијата за фудбалската легенда – „Фудбал под сенка“, која излезе постхумно.
Меѓу бројните теми поврзани со ликот и делото на Васил Рингов, Ивановиќ го изнесе и својот став околу иницијативата Јужната трибина на арената „Тодор Проески“ да го носи неговото име, поднесена од ФК Вардар, но и оспорувањето на таа иницијатива од пооделни фејсбук групи од Битола.
Сепак, главно е мислењето дека оспорувањето е на поединци, затоа што и иницијативата дојде од ривалски клуб.
„Рингов, уште кога се пушташе стадионот, кажа: Џабе ви е стадион ако немате фудбал. Е, сега ако ги споите тие две работи….зошто некому му пречи и Јужната трибина да се вика Васил Рингов, ќе видите дека ние имаме проблем со фудбалот. Ние имаме проблем соприоритетите во нашето општество. Е сега стадионот и натаму ќе се вика Тодор Проески, но предлогот е нели по големата легенда Васил Рингов да се именува Јужната трибина, и тоа е предлог на Вардар доставен до надлежните институции“ – вели Ивановиќ и дополнува:
„И, искрено не верувам дека Рингов на некого му пречи. Веројатно постои анимозитет на релација Битола – Скопје. Тоа никогаш не сум можел да го разберам. Таму деведесеттите години сите почнаада се мразат, па ајде и ние да почнемеда се мразиме. Па, ден-денеска не можам да сфатам зошто мораше некој да предизвика омраза меѓу двата клуба. Рингов малку се осврнува на тоа во книгата и исто така и на него не му е јасно зошто тоа некому му требаше, а очигледно дека од некакви подземја тоа беше организирано. Значи таа омраза, кој води до некаков нездрав ривалитет меѓу Битола и Скопје кој вирее до ден -денеска. Не е само спортски, не е само фудбалски. Па ете, името на Васил Рингов станува нели проблем за Јужната трибина“.
Ивановиќ ќе рече…
„Како и да е, таа иницијатива постои и јас многу би сакал тоа да се реализира и многу би сакал во иднина сите трибини, па не знам ВИП ложата – сè да добие имиња на некои заслужни фудбалери. Но, да бидеме реални, таа иницијатива за Јужната трибина не е спорна за многумина, веројатно за еден двајца е спорно тоа. Или пак во некаква меѓусебна кавга на релација Вардар – Пелистер тоа било речено. Јас не верувам дека битолчани имаат против! Сигурен сум дека немаат против, ниту па дека некој тука има против. Но, пак ќе кажам, да се навратам на мислата на Васил Рингов: Што ќе ви е стадион и имиња ако немате фудбал!“.
МНОГУ ПОВЕЌЕ ЗА ЦЕЛАТА ОВАА ПРИКАЗНА, И ЗА СИТЕ СЛУЧУВАЊА ЗА ВРЕМЕ НА СУДЕЊЕТО ВО СУДНИЦАТА, МОЖЕ ДА ПРОЧИТАТЕ ВО БИОГРАФИЈАТА НА ВАСИЛ РИНГОВ – „ФУДБАЛ ПОД СЕНКА“ КОЈА МОЖЕ ДА СЕ НАЈДЕ ВО ПРОДАВНИЦИТЕ НА ЛИТЕРАТУРА
==================================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ПОСВЕТЕН НА ВАСИЛ РИНГОВ МОЖЕ ДА ГО ГЛЕДАТЕ ТУКА….
==================================================
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
