Возбудувањата во полуфиналето од македонскиот плејоф официјално стартуваат вечерва, со дуелот меѓу ТФТ и Маџари што ќе почне во 20 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во градскиот парк во Скопје.
За ТФТ ова е продолжение на пеколниот распоред ако се знае дека лидерот во Супер-лигата паралелно настапува и во битките за влез во АБА1, па така по денешниот меч со Маџари го очекуваат два натпревари (четврток и недела) против Борац Чачак во баражот за влез во елитното друштво од регионалното натпреварување.
Желбата за влез во АБА1 е голема, но тренерот Смилковски потенцира дека подеднакво голема е и желбата да се стигне до титулата во мак-баскетот, за што потребно ќе биде најпрвин да се слави над Маџари (во серијата кој прв до две победи) и да се стигне до финалето.
„Полуфинале денес што е апсолутно важен меч за нас, со апсолутно сериозна подготовка за истиот. Чекор по чекор, иако во меѓувреме ни е баражот за АБА со Борац Чачак, сепак домашното првенство ни е приоритет, имаме високи цели – да се бориме за таа шампионска титула што многу ја посакуваме. Затоа, за Борац ќе размислуваме по завршувањето на овој натпревар, мислите ни се насочени само кон Маџари. Одигравме три меча со денешниот ривал, имаме три победи но и на трите средби не беше лесно, имаше пресврти во одредени моменти и Маџари се покажа како исклучително незгоден противник. Маџари заслужено го зема приматот како најпријатно изненадување, добар спој на домашни и странски кошаркари што игра квалитетна, брза кошарка. Сигурно нема да ни биде лесно, затоа и напоменав дека мораме да имаме максимално сериозен пристап. Искуството од плејофот низ годините ни ја даваат улогата на фаворит, но ќе мораме да играме 100’% ако сакаме да победиме“, изјави Смилковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
