Домашното првенство влегува во самата завршница, со првите натпревари од 31. коло.
Лидерот Вардар до 74 бода на своето конто од 16 часот на Арената Тодор Проески го пречекува Силекс и во рацете ја има првата меч топка за освојување на шампионската титула.
Доколку „црвено – црните“ победат, а второпласираната Шкендија на домашен терен не успее да слави против Струга ТЛ, во натпревар кој се игра во истиот термин од 16 часот, тогаш Вардар ќе го подигне пехарот и ќе стане нов првак на Македонија.
Дури и да не победи, Вардар, односно да одигра нерешено, а Струга ТЛ ја победи Шкендија, и во тој случај Вардар ќе има шампионско славје.
Сепак, во моментов во вардаровиот табор предвреме не се размислува што и како би било. Се е во насока на одигрување на уште еден добар меч во серија и освојување на трите бода. Па дали истите ќе значат и титула баш овој викенд, или продолжување на истата до следниот меч, тоа е сосема друг момент.
Вардар има четири победи по ред во домашниот шампионат, а шест кола нема пораз. Бодовната разлика со Шкендија е шест бодови, што секако дава огромна предност во битката за титулата, но таа воопшто не е готова. Денешен кикс и не освојување на трите бода ќе значи дополнителен притисок, во последните две етапи од шампионатот, каде што Вардар најпрво оди на гостување кај Струга ТЛ ма 17 мај, а потоа, во последното коло го пречекува сеуште актуелниот шампион, Шкендија на Арената на 23 мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
