Првата кошаркарска лига се враќа во етерот денеска со пет дуели од 17. коло во кои силите ќе си ги одмерат Еуро Никел и Црн Дрим, Гостивар и Пелистер, Академија ФМП и МЗТ Скопје, ТФТ и Вардар, како и Куманово и Работнички.
Богатата програма започнува од 16 часот во „Јасмин“ каде гостува „фенерџијата“ Црн Дрим. Домаќините на овој натпревар влегуваат како фаворит со цел да да влезат во нова победничка низа по победата на гостувањето во Куманово. За разлика од кавадарчани, на избраниците на Петар Чочороски им е потребна победа што поскоро со цел останување во игра за позициите кои носат прволигашки дуели и следната сезона.
Стружани оваа година покажаа карактер на дел од средбите, на колку беа на една топка од победа, но за денеска да ја забележат втората победа во натпреварувањето мораат да бидат на врвот на својата задача. Во фокусот на денешниот меч ќе биде играта под обрачот каде силите ќе си ги одмерат Роберт Рикиќ од едната, и Хуго Клусен од другата.
Два часа подоцна (18:00), МЗТ Скопје гостува во Кисела Вода против Академија ФМП. „Пантерите“ бележат одлични натпревари на домашно тло, но избраниците на Петровиќ се наоѓаат во лоша форма. Во последните пет натпревари тимот од Кисела Вода има забележано само една победа, па тоа ќе биде и мотив повеќе против фаворизираниот МЗТ Скопје.
Аеродромци во овој натпревар влегуваат по паузата поради настапите во АБА2 лигата, каде на последниот „балон“ одигран во Сараево забележаа скор од две победи и еден пораз. Добрата форма „сино-белите“ ќе се обидат да ја покажат и против „пантерите“, но нема да биде лесно против противникот со кој одиграа егал натпревар во истата сала претходната сезона.
Во истото време ќе започне и „соседски“ натпревар на „Кале“ каде ТФТ ќе го пречека Вардар. Новалијата ита кон место во Суперлигата и се наоѓа на чекор до забележување на десетата победа во сезоната. За разлика од избраниците на Смилковски, Вардар игра една турболентна сезона во која поради проблеми предизвикани од коронавирусот не може да дојде до посакуваниот натпреварувачки ритам.
„Црвено-црните“ се наоѓаат во мртва трка за изборување на опстанок со МЗТ Скопје 2, со по три забележани победи, па секои два бода се добредојдени. Овие два тима одиграа одличен натпревар во првиот дел од сезоната, па така нека биде и денеска, а нека победи подобриот.
„Шлагот на тортата“ е последниот натпревар за денеска од 19 часот во кој Куманово на домашен терен ќе го пречека Работнички. „Сино-белите“ по смена на тренерското место играат одлично, но во овој меч влегуваат по трите порази во последните средби од Еуро Никел во Првата лига и Академик Пловдив и Хапоел Халон во БИБЛ лигата.
Во подобра ситуација не е ниту Работнички кој „балонот“ на АБА2 лигата во Сараево го заврши со два пораза и една победа, па денешната средба ќе биде од големо значење за двата состава со цел да се вратат на победите пред густиот распоред кој им претстои.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА