АБА-лигата нема да згасне и покрај доцнењето и сериозниот проблем со судиите. Оваа порака ја испрати првиот човек на Будуќност, Драган Бокан, демантирајќи ги гласините на српските медиуми дека евентуалното одлагање на второто коло ќе значи и целосен распад на регионалното натпреварување.
„Веднаш сакам да нагласам дека АБА нема да згасне дека клубовите со заеднички сили ќе најдат излез од оваа ситуација и ќе излеземе посилни. Судиите ја одбија понудата што ја имаа на маса, тоа е вистина, но ние сме во контакт со регионалните сојузи, им се обративме на челниците на ФИБА и на евролигата за да најдеме заедничко решение. Јас лично сум за избор на нови судии, но ако мнозинството клубови излгласа договор со актуелните арбитри ќе го прифатам и тоа“, истакна Бокан.
Потоа, Црногорецот откри и детали околу суштината на проблемот поради кој доцни стартот на сезоната.
„Во изминатите три години им ги зголемивме примањата на судиите за 42%. Патните трошоци им се зголемени за 100%. Тие бараа зголемување за да добиваат 1.200 евра по натпревар. Проблемот е што буџетот го усвоивме во јуни, успеавме да стигнеме до понуда од 630 евра, но тие инсистираат на 800 евра по натпревар и не отстапуваат. Проблемот не е во таа разлика, ниту дека ние не сакаме да им дадеме зголемување, туку во фактот дека буџетот е усвоен и ние како сериозна организација не можеме да одиме преку него. За крај, ќе повторам уште еднаш: АБА-лигата нема да згасне“, порача првиот човек на Будуќност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
