Абутовиќ: Вардар и Рајн Некар Левен не се споредуваат

Српскиот дефанзивец Илија Абутовиќ по седум години поминати во Вардар, летово се пресели во Рајн Некар Левен. Со Вардар лани ја освои титулата во Лигата на шампионите, а со „лавовите“ во Германија тргнува во нови предизвици. Абутовиќ се уште се привикнува на новата средина и на системот на игра во Рајн Некар Левен во кој ќе настапува заедно со македонскиот репрезентативец, Филип Талески.

Со доаѓањето на Абутовиќ, тренерот Николај Јакобсен доби важна алка во одбраната. Одбрана со Абутовиќ, Јеспре Нилсен, Гидеон Гвардиола и со Талески кој исто така добро се снаоѓа во дефанзивните задачи, Рајн Некар Левен ќе биде проблем за секој противник.

Одбраната беше еден од главните адути и на шампионски Вардар, но Абутовиќ во интервјуто за официјалниот сајт на Рајн некар Левен истакнува дека одбраната на „лавовите“ е многу поразлична од она што го практикуваа вардарци.

„Тоа се два различни системи, тоа не се споредува“ – вели Абутовиќ.

Од седумте години поминати во Вардар посебно ја издвојува 2017 година кога Вардар ја освои титулата во ЛШ и пречекот во Скопје од кој како што вели секогаш му навираат емоции.

Српскиот ракометар има интересна забелешка и за тоа како се привикнува на новата средина. По сите години поминати на Балканот, за Абутовиќ преселбата во Германија претставувала вистински културен шок.

„На пример со ѓубрето. Овде не може да оставиш ни парче пица во кутијата. Друга работа, овде за сите е важна точноста и дисциплината“ – истакнува Абутовиќ.

Рајн Некар Левен и Вардар ќе играат во иста група во Лигата на шампионите, а Абутовиќ со „лавовите“ ќе гостува во Скопје во натпреварот од 4.коло, на 6 октомври.

Се вчитува...