Адеми одличен, Ристовски резерва – Динамо до рутинска победа

Динамо Загреб направи уште еден чекор напред кон одбрана на титулата во хрватскиот шампионат, славејќи со 3-0 на домашен терен над Истра.

Аријан Адеми одигра одличен меч и беше меѓу најзаслужните за триумфот заедно со двојниот стрелец Оршиќ. Македонскиот репрезентативец одлично украде една топка во противничкиот шеснаесетник на самиот почеток од средбата, за момент беше запрен, но Оршиќ налета на одбиената топка и ја смести во мрежата. Адеми учествуваше и во акцијата при вториот гол за Динамо, кога пред самиот крај на полувремето на негова асистенција Оршиќ стрелаше прецизно за водство од 2-0.

Стефан Ристовски мечот го почна како резерва, влезе во игра на почетокот од второто полувреме, а токму по контранападот што македонскиот десен бек го почна падна и третиот гол за „модрите“, чиј стрелец беше Емрели.

Динамо Загреб по денешниот триумф сега има одлични пет бода предност во однос на второпласираниот Осијек во трката за титулата.

Се вчитува...