Адеми: Жал ми е, јас сум виновен…, ја преземам одговорноста

Динамо Загреб до само две минути пред крајот имаше предност од 3-0 против исландски Валур во првиот меч од квалификациите за Лигата на шампионите. Но, Исланѓаните со голови во 88. и во 89. минута дојдоа до конечни 3-2 пред реваншот.

А, македонскиот репрезентативец Аријан Адеми одигра одличен натпревар постигнувајќи два погодоци за својот тим, во 8. и во 72. минута. Но, во 82. минута не успеа да реализира удар од белата точка, што го смести и меѓу трагичарите на натпреварот.

По дуелот, Адеми како и секогаш максимално спортски коректен ја презеде вината за конечниот резултат на себе.

„Одигравме навистина квалитетни 80 минути, а потоа промашив пенал и затоа ја преземам одговорноста за овој резултат. Жал ми е, јас сум виновен. Можевме да победиме со 4-0, а сега ги вративме во игра за реваншот. Се надевам дека, сепак, во Исланд ќе одиграме како во првите 80 минути тука и ќе обезбедиме пласман во следната рунда“ – истакна Адеми по синоќешниот натпревар.

Се вчитува...