Поранешниот американски тенисер Енди Агаси изјави дека е изненаден од начинот на кој Јаник Синер беше елиминиран од Ролан Гарос.
Тој шокантно загуби во второто коло во Париз од Аргентинецот Хуан Мануел Черундоло иако водеше со 2-0 во сетови и 5-1 во третиот сет. Потоа доживеа колапс во секоја смисла. Не се чувствуваше добро физички и тоа беше почеток на крајот за него.
„Елиминацијата на Синер е голема работа и не мислам дека се зборува за тоа толку колку што треба. Кога играв, имав толку време колку што можев да издржам: можев да играм четири часа. Ако временските услови беа тешки, тогаш можев да одработам три часа и 45 минути. Не беше голема разлика. Ако временските услови беа идеални, можев да играм четири часа и десет минути. Мислам дека вакви работи му се случуваат на секој играч. Синер го играше финалето во Париз пред една година и беше на теренот повеќе од пет часа. Оваа година, поради жештината, се сруши по еден час и 45 минути. Постои голема разлика во тоа. Постои огромна разлика помеѓу тоа да се биде во форма и да се биде подготвен, а тој очигледно не беше“, изјави Агаси за ТНТ, каде што е вработен како стручен консултант.
Осумкратниот шампион на Гренд слем посочува дека Синер не бил добро подготвен за најголемите предизвици.
„Јасно е дека имало некоја грешка за време на подготовките и Јаник мора да направи нешто за да ја поправи. Не велам дека Синер не работи доволно напорно, но денес подготовките и закрепнувањето се спроведуваат на научно ниво, со учество на лекари и сите видови експерти. Не можам да знам што се случило. Можеби бил проблемот со хидратацијата, но мора однапред да се подготвите за тоа. Во моментов би се запрашал што пие и дали го прави правилно. Мора да разбере што треба да промени. Тој е најдобриот играч во светот во моментов и знам дека може да игра пет и пол часа“, заклучи поранешниот тенисер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
