Агим Ибраими: Фудбалот во Македонија воопшто не е полош од многу земји во Европа, но инфраструктурата е очајна

Агим Ибраими е најголемото зимско засилување за Шкендија на патот кон одбраната на шампионската титула. По авантурите во Словенија, Италија, Казахстан, и 14 години како интернационалец, Ибраими се врати во македонскиот фудбал, како што вели во интервјуто за специјализираниот фудбалски портал МАКФУДБАЛ.МК, носен од желбата за сериозни успеси со Шкендија во Европа.

„Се вратив во Шкендија затоа што клубот ми ја претстави својата визија. Ни се совпаднаа желбите со раководството, сакаме да направиме нешто големо со клубот. За мене тоа е едно големо достигнување во европски рамки, како што претходно го доживеав со Марибор во кариерата. Би бил најсреќен доколку тоа можеме да го остварам и со клубот каде што ги почнав првите фудбалски чекори, пред да заминам во Салцбург како малолетно момче“ – вели Ибраими во интервјуто за МАКФУДБАЛ.

По повеќе од една деценија е повторно во македонскиот фудбал. Беше дел и од Серија А, во тимот на Калјари. Може најдобро да го спореди квалитетот на нашиот клупски фудбал.

„Искрено, има овде во Македонија многу таленти, и се игра добар фудбал. Но, конечниот производ делува слабо за око, затоа што ни недостасува инфраструктура. Инаку, имаме одлични тимови, можам да кажам дека фудбалски ништо не заостануваме зад Словенија. Но, таму се е некако многу подобро подредено, се посветува повеќе внимание, се вложува повеќе, се размислува за иднината, за неколку години напред. Кај нас е тоа, за жал, се уште некако стихијно. Тоа мораме да го промениме ако сакаме да одиме побрзо напред. Инаку, фудбалот што се игра долу на теренот има квалитет. Подобро е прашањето можеби каков е теренот. Знаете, кога ќе ја примиш топката на ’тепих’ и на некој лош терен, не е исто. Го нема истиот филинг и за фудбалерите, и за гледачите“ – објаснува Ибраими.

Комплетното интервју на Агим Ибраими може да го прочитате на МАКФУДБАЛ.МК.

Се вчитува...