Ако Тотенхем му даде отказ, Мурињо ќе ја добие најголемата отштета во историјата

Екипата на Тотенхем не игра во најпосакувана форма, па оваа сезона нуди прилично слаби и непосакувани резултати за фановите од Лондон. „Спарс“ се само деветти во Премиер лигата, но за среќа на Жозе Мурињо и тимот, разликата помеѓу врвните екипи и другите е многу мала и сè може да се смени по неколку одиграни натпревари.

Сепак, игрите на Тотенхем ги загрижуваат навивачите на овој тим. Тие не се задоволни од работата на Мурињо во клубот. Шефот на „Спарс“, Даниел Леви, ќе почека до крајот на сезоната и потоа ќе донесе одлука дали да ја продолжи соработката со португалскиот тренер.

Доколку евентуално биде отпуштен пред крајот на сезоната, Тотенхем ќе треба да плати дури 40 милиони фунти на Мурињо. Нешто помала бројка е ако замине на крајот на сезоната и во тој случај Жозе ќе добие 30 милиони фунти. Ова би била најголемата исплата во историјата на Премиер лигата, доколку предвреме заврши соработка помеѓу еден клуб и тренер.

Во моментов, рекордер е Антонио Конте, кому Челси мораше да му плати 26,2 милиони фунти во 2018 година. На врвот се наоѓа и Мурињо, кому Манчестер Јунајтед му плати 19,6 милиони фунти истата година, а од Челси во 2007 година, „Специјалниот“ зеде дури 18 милиони фунти како обештетување.

Се вчитува...