Веќе нема дилеми, Аргентина и Шпанија ќе излезат на мегдан во големото финале на СП 2026, што значи и продолжување на неверојатната серија на италијанскиот гигант Интер, кој има најмалку по еден играч на сите мундијалски финалиња уште од 1982 година.
Лаутаро Мартинез беше аргентинскиот херој на полуфиналето со Англија, а токму одличниот голгетер е претставник на „нероаѕурите“ во мечевите за светскиот фудбалски трон во 2026 и во 2022 година.
На СП 2018 во Москва таа „чест“ ја имаа Иван Перишиќ и Марсело Брозовиќ од Хрватска, а четири години претходно Аргентинецот Родриго Паласио.
Весли Снајдер беше претставник на Интер во финалето на СП 2010 меѓу Холандија и Шпанија, додека во 2006 тоа беше случај со Марко Матераци.
Бразилецот Роналдо е дел од оваа серија со настапот во финалето на СП 2002, а Интер во 1998 имаше претставници и кај двата финалисти, Роналдо кај Бразил и Јури Џоркаеф кај Франција.
Никола Берти беше дел од италијанската репрезентација во финалето на СП 1994, додека Интер имаше три претставници во мечот за трофејот во 1990 година, Германците Андреас Бреме, Лотар Матеус и Јирген Клинсман.
Четири години претходно, на СП 1986 легендарниот Румениге беше претставник на Интер во големото мундијалско финале, а серијата почна уште во 1982 година, кога Бергоми, Алтобели и Оријали ги бранеа боите на Италија во финалето против Германија.
Дефинитивно, серија со која сите во Интер мора да бидат исклучително горди…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
