Ако некој го знае лекот за Синер, тоа е Циципас

Стефанос Циципас е првиот финалист на турнирот во Монте Карло откако по голема борба успеа да го елиминира вториот носител Јаник Синер со 2-1 во сетови. Циципас имаше скор од пет победи и три порази во досегашните дуели со Синер, што дополнително го подобри со денешниот триумф, потврдувајќи ја својата улога на „пеницилин“ за италиајнскиот тенисер.

Циципас беше подобар тенисер на стартот на мечот, грчкиот тенисер стигна до брејк, а потоа знаеше како да ја задржи предноста до крајот добивајќи го сетот со 4-6. Синер веднаш возврати по сличен рецепт, вториот носител по раниот брејк рутински го контролираше сетот добивајќи го со 6-3. Италијанецот беше во ритам и го отвори и решавачиот сет со брејк, рутински одржувајќи го водството се до осмиот гејм.

По голема битка што се водеше повеќе од десет минути Синер спаси четири брејк топки, но Циципас ја искористи петтата, успевајќи да израмни на 4-4. Гркот уште повеќе доби на самодоверба, Синер се повеќе се мачеше на теренот, а Циципас го искористи тоа за да ги добие и наредните два гејма и да слави со конечни 4-6, за пласман во големото финале.

Негов ривал во мечот за трофејот во Монте Карло ќе биде победникот од дуелот Ѓоковиќ – Руд.

Се вчитува...