Ако Вардар не е прогласен за шампион, не е валидна ниту табелата – за излез во Европа!

Фудбалското првенство во Првата лига е предвреме прекинато со одлука донесена на вонредна седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија – без да биде прогласен шампион. Причината за прекинот е здравствената состојба во државата, повторниот пораст на заболени граѓани од Covid-19, а не се одминати ниту дел од фудбалските клубови, како Шкендија и Ренова, чиј тим доби и протокол за двонеделна самоизолација.

Вардар доживеа голем удар, затоа што имаше огромна бодовна предност пред конкурентите, а нема да биде прогласен за шампион. Ова се оправдува со недоволниот број на одиграни натпревари во тековниот, веќе прекинат, шампионат. Не е исполнет условот за одиграни две третини од првенството.

Но, ако оваа одлука важи за Вардар, тогаш важи и за сите останати екипи на табелата, кои се надеваат на излез на европска сцена. Тие не постигнале доволен спортски резултат за да изборат пласман во европските купови. Ниту второпласираниот Силекс, ниту Шкендија, ниту сите останати, редоследно надолу.


Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија во вонредна состојба го има дискреционото право да ги одреди екипите кои ќе се натпреваруваат во европските купови следната сезона. Откако ќе бидат поделени лиценците за излез во Европа, а сите знаеме дека многу спорно е дали Вардар ќе добие лиценца поради неисполнување на финансиските критериуми на УЕФА, главното прашање, покрај недоделувањето на шампионскиот пехар, е кои клубови ќе играат во Европа. Не дека многу би се истакнале на спортски план, туку кој ќе ги добие финансиските средства кои следуваат со самото учество во квалификациите за Лигата на шампионите и во квалификациите за Лигата на Европа.

Ако првенството е предвреме прекинато и не е прогласен шампион, тоа значи дека остварениот спортски резултат не е доволен за да донесе пласман во европските купови. Во една таква ситуација, УЕФА препорачува федерацијата да ги одреди екипите учеснички според коефициентот на минат труд (настапи во последните пет сезони). Тоа значи дека Силекс, кој во моментот на прекинот на првенството е второпласиран, и со сите сили, па и со медиумска поддршка од една моќна телевизија, се трудеше да не го доигра првенството, сепак би извисил за настап во Европа. Не да не биде претставник во квалификациите за Лигата на шампионите, доколку Вардар и конечно не добие европска лиценца, туку да не биде дел ниту од Лигата на Европа. Едноставно, да не игра на европска сцена и да не „заработи“ околу половина милион евра, согласно самото учество. Би извисила и Ренова.

„Бидејќи учеството во клупските натпреварувања во УЕФА е одредено од спортскиот резултат постигнат на крајот на целосното домашно натпреварување, предвременото прекинување би отворило сомнеж за исполнување на таквата состојба. УЕФА го задржува правото да го процени правото на клубовите да бидат примени на натпреварите во клубовите УЕФА 2020-21 година, во согласност со релевантните регулативи за конкуренција“, препорачуваат од УЕФА.

Тоа значи дека Европската куќа на фудбалот дава препораки патниците во Европа да се одредат согласно клупскиот коефициент во УЕФА. Така, во квалификациите за Лигата на шампионите би играла Шкендија, а во квалификациите за Лигата на Европа би се натпреварувале Вардар, Шкупи и Работнички. А доколку Вардар не добие лиценца, согласно тоа што е прекинато и натпреварувањето во Купот, патник во Европа би бил следниот тим според ранкингот, а два клуба со идентичен клупски коефициент на УЕФА се Академија Пандев и Македонија Ѓорче Петров.

Еве како изгледа рангирањето на македонските екипи во УЕФА според клупскиот кофициент.

ВАРДАР НЕМА ДА ДОБИЕ 260.000 ЕВРА ОД УЕФА ЗА – ШАМПИОН 

Вардар, со оглед дека не е прогласен за шампион, а во моментот на прекинот е лидер на табелата со комфорна бодовна предност, нема да ја добие и паричната награда од УЕФА за освојување на шампионската титула која изнесува околу 260.000 евра. Тука се математиките на Силекс, кој се надева дека ако Вардар не добие лиценца за настап, а УО на ФФМ се води според табелата во моментот на прекинот на првенството, ќе игра во квалификациите за Лигата на шампионите. Ова значи автоматско инкасирање на околу 290.000 евра за настап во првото квалификациско коло, а и доколку биде елиминиран, учество во второто коло од квалификациите во Лигата на Европа, уште дополнителни 250.000 евра. Севкупно, околу половина милион евра – само за учеството (дополнителни средства за секое минато коло во квалификациите на ЛШ или на ЛЕ). Тука е и „борбата“ за сите останати екипи кои се надеваат дека ќе бидат учесници во европските купови за следната сезона.

Се вчитува...