Акраповиќ: Шкендија пак ќе победува, се враќам во клубот каде оставив многу пријатели

Бруно Акраповиќ делува мотивирано за нови успешни резултати како тренер на Шкендија, откако по шест години пауза се враќа назаад на клупата на тетовскиот клуб. Тој го наследи Ѓока на клупата на актуелниот македонски шампион, а по фијаското во европските купови пред Акраповиќ е само домашниот предизвик – каде Шкендија ќе ја брани титулата освоена лани.

Договорот е потпишан на една година, а во зависност од резултатите можно е негово продолжување за дополнителни 12 месеци. Воедно, 53-годишниот стручњак го избра стручниот штаб, негови асистенти ќе бидат Ерхан Селими и Бранко Окиќ, Куштрим Абдулаи ќе продолжи да ја извршува функцијата тренер на голманите, додека Метин Далип останува кондициски тренер.

„Доаѓам овде со позитивни импресии. Имам многу пријатели што ги оставив кога си заминав, сега се среќаваме повторно и задоволството е огромно. Позитивно сум расположен, гледам кон иднината и верувам дека Шкендија пак ќе победува. Мораме да ставиме акцент на мотивацијата на фудбалерите, на враќањето во посакуваниот ритам, да се покаже квалитетот што знам дека овие играчи го поседуваат. Оптимист сум дека ќе оставиме добар впечаток од самиот старт на сезоната и ќе ги задоволиме очекувањата на навивачите и на спонзорот“, изјави Акраповиќ по потписот на договорот со Шкендија.

Се вчитува...