Албански голгетер на прегледи пред потпис со Шкендија

Рубин Хебај е изборот на раководството на Шкендија во потрагата по нов голгетер кој ќе го носи црвено-црниот дрес на тетовци во вториот дел од оваа сезона. Станува збор за 22-годишен напаѓач кој веќе се наоѓа во Тетово, денеска врз него се извршени детални лекарски прегледи, по што се очекува најдоцна за 24 часа и официјално да го стави својот потпис на договорот со Шкендија.

Хебај своевремено ги мина сите младински селекции на Албанија, но овој фудбалер досега не заигра за сениорската репрезентација на својата татковина. Тој ја почна кариерата во дресот на Влазнија, во меѓувреме имаше и две неуспешни авантури во странство, во Домжале во Словенија и во Ворскла во Украина, по што во 2020 година го облече дресот на Теута. Тој одигра 15 средби за Теута во албанскиот шампионат, постигна два погодоци, па останува да се види колку напаѓач со вакви скромни бројки ќе биде од помош на Шкендија во борбата за титулата.

Тетовци се надеваат дека со ангажманот на Хебај ќе го надополнат заминувањето на Ахмеди, кој кариерата ја продолжи во Шахтјор Солигорск.

Се вчитува...