Алегри: Ви реков дека ќе ја победиме и Барселона

Јувентус одигра фантастичен натпревар против Барселона во Торино, совладувајќи го шпанскиот првак со убедливи 3-0 во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите. Тренерот на „старата дама“, Масимилијано Алегри, е задоволен од изданието на својот тим, но и предупредува дека има реванш на „Камп Ноу“. Но, исто така и потенцираше дека претходно најавил како Јувентус се подготвува да ја победи Барселона.

„Ви реков дека ќе истрчаме на теренот со една цел, да ја победиме Барселона. Тоа навистина го мислевме и пред мечот, така се подготвувавме. Среќен сум што мојот тим одигра одличен натпревар. Момците заслужија вакви моменти, затоа што напорно работеа во текот на целата сезона. Но, не смееме да се опуштиме, затоа што следи реванш на „Камп Ноу“. Мораме да останеме максимално фокусирани, да бидеме внимателни, и да одиме во Барселона со намера да постигнеме уште голови. Нема да се браниме ниту на реваншот, затоа што тоа може да биде кобно. Дибала? Тој е фантастичен, и јас тоа добро го знам, го гледам секој ден на тренинзите. Одигра навистина одличен меч, како и сите во нашиот тим“, изјави Масимилијано Алегри по триумфот над Барселона.

  

Се вчитува...