Алекс Душебаев: Вардар е еден од најдобрите во Европа

Хит на викендот во ракометаната Лига на шампионите  е денешниот дуел меѓу двата поранешни европски шампиони – Вардар и Кјелце. Вардарци денеска (17 ч.) му гостиваат на Кјелце во петтиот натпревар од групната фаза во ЛШ. „Црвено –црните“ играат за рекордна петта победа која им носи историски најдобар старт во сезоната, но и против традицијата бидејќи никогаш досега не успеале да го победат Кјелце во салата „Легионов“.

Во шесте меѓусебни дуели на македонскиот и на полскиот шампион досега во ЛШ, Кјелце има четири, а Вардар две победи.

По првите четири кола Вардар е еден од трите непоразени покрај ПСЖ и ПИК Сегед. Кјелце сезоната ја почна со преполовен тим поради повреди и загуби во првото коло од Веспрем, но потоа тимот се комплетира и врза три победи во серија вклучувајќи ја и таа против европскиот шампион Монпелје. Лидерската улога во Кјелце сезонава ја презедоа двајцата поранешни играчи на Вардар – Алекс Душебаев и Лука Циндриќ. И тие и Талант Душебаев на клупата добро ја познаваат играта и квалитетот на Вардар.

„Откако јас заминав во Вардар се сменија многу работи, што е нормално за еден тим. Но, мислам дека Вардар го задржа истиот стил на игра. Вардар сега игра на многу високо ниво, тие се единствен тим во нашата група со максимален скор. Иако карактерот на тимот не е променет, имаат некои промени во играта. Можеби, имаат подобра одбрана. Благодарение на голманот, Вардар често игра брз центар. Мислам дека ова е еден од најдобрите тимови во Европа во моментов“ – истакнува Алекс Душебаев во пресрет на денешниот дуел.

За денешниот меч, тренерот на Вардар, Роберто Парондо, на располагање го има Стојанче Стоилов, но не може да смета на Рожерио Мораеш кој поради повреда остана во Скопје. Во составот на Вардар ќе го нема ни најновото засилување, германскиот бек Кристијан Дисингер кој има право на настап од следното коло.

Талант Душебаев пак ќе го пречека Вардар со 13 играчи во составот во кој поради повреди недостасуваат Јукиевич, Мамиќ, Кулеш и Бис.

Се вчитува...