Алексис е во конфликт со цел тим, за него нема иднина во Арсенал

Изоставувањето на Алексис Санчез од стартниот тим на Арсенал за дербито со Ливерпул не било од тактички причини, како што сакаше да прикаже Арсен Венгер по натпреварот. Неколку англиски медиуми во своите денешни изданија објавија дека Алексис во изминатите денови се однесувал далеку под секое професионално ниво, влегол во конфликт со речиси целиот тим на Арсенал, па дури и предвреме го напуштил еден од тренинзите на екипата, навлекувајќи го бесот на останатите „топчии“.

Арсен Венгер почувствувал потреба да постапи авторитативно и го остави Алексис на клупата, но проблемот е што „топчиите“ без негова помош делуваа загубено на „Енфилд“ и по едно полувреме имаа негатива од 2-0. Чилеанскиот офанзивец по влегувањето во игра му асистираше на Велбек при единствениот гол на мечот за својот тим, но и тоа е премалку за искупување на „гревовите“ од последните петнаесетина дена.

Венгер беше остро критикуван поради одлуката да го почне дербито без Алексис Санчез во тимот, па сега на францускиот стратег е да реши дали да продолжи да го санкционира Чилеанецот и да ризикува да остане без место во ЛШ, или да „замижи“ при евентуални инциденти на овој фудбалер. Едно е јасно, Алексис ги минува последните месеци во таборот на „топчиите“, откако ја одби и последната понуда за нов договор со лондонскиот клуб. А во спортот нема ништо полошо од незадоволен играч кој знае дека е на заминување.

Се вчитува...