Шкендија утре му гостува на Шериф во Тираспол, во реванш натпреварот од 2.коло во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите. Тетовци имаат гол предност од првиот меч, но како што најавуваат, во реваншот одат да се надигруваат и да го докажат својот квалитет, а не да ја бранат предноста.
Во најавата пред натпреварот, тренерот Ќатип Османи потенцираше дека потешкиот дел од работата допрва им претстои.
„Имаме минимална предност која не ни гарантира ништо, ќе мора да дадеме максимум и на овој дуел. Еден примен гол може се да смени и мора да бидеме внимателни. Ќе дадеме се од себе за да дојдеме до посакуваниот резултат и пласман во следното коло“ – истакна Османи.
Внимателна игра и максимална борбеност најави и капитенот Арменд Алими.
„Дојдовме овде да ги покажеме нашите вредности и да се надигруваме. Нема само да ја браниме предноста од првиот меч. Свесни сме дека еден гол ништо не значи во ваков двомеч. Сите сме свесни дека оваа битка може да ја добиеме само со максимално сериозен пристап во играта“ – потенцираше Алими.
Реванш натпреварот меѓу Шериф и Шкендија се игра утре со почеток во 19 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА